• Иван Димовски

Данскиот велосипедист Мадс Педерсен е победник на четвртата етапа на Тур де Франс, откако беше најбрз во спринтот по 182 километри долгата делница од Каркасон до Фоа.
Возачот на Лидл-Трек триумфираше по исклучително тешка етапа, која се возеше на температури повисоки од 40 степени. Зад него заврши неговиот тимски колега Квин Симонс, додека третото место му припадна на Шпанецот Раул Гарсија.
За Педерсен ова е трета етапна победа на Тур де Франс, откако претходно славеше и во 2022 и 2023 година. Со триумфот Данецот ја презеде и зелената маица, која му припаѓа на водечкиот спринтер во трката.
Најголемата промена во генералниот пласман ја направи Норвежанецот Торштајн Трен, кој ја презеде жолтата маица. Тој беше дел од големата група од 34 велосипедисти која се одвои уште по првите 25 километри, а осмото место на целта беше доволно да се искачи на врвот во генералниот поредок. По четири етапи, Трен има предност од 28 секунди пред Американецот Шон Квин, додека трет е Матијас Вачек со заостанување од 3:50 минути.
Досегашниот лидер и актуелен шампион Тадеј Погачар падна на четвртата позиција со негатива од 7:53 минути, а неговиот голем ривал Јонас Вингегор е петти со истото време.