• Зоран Мишевски
Европското првенство во ватерполо, кое треба да се одржи во јануари следната година во Израел, е под голем знак прашалник поради палестинско-израелскиот конфликт. По овој повод соопштение се огласи и Европската федерација за водни спортови (ЛЕН).
„Со оглед на моменталната ситуација во Израел, нашите оперативци се во активна дискусија со Организацискиот комитет на Европското првенство во ватерполо, кое треба да се одржи во Нетања од 3 до 16 јануари 2024 година. Нашите мисли и поддршка се до луѓето од Израел во овие тешки моменти.
Двете организации ќе продолжат внимателно да ја следат ситуацијата и да ги истражуваат сите опции пред да донесат одлука за домаќин на турнирот. Обезбедувањето безбедни услови за сите тимови, официјални лица и гледачи ќе биде наш главен приоритет“, се вели во соопштението.
Хрватска минатата година во финалето на Европското првенство во „Спаладиум Арена“ во Сплит ја совлада Унгарија со 10-9.