Ватерполо селекциите на Црна Гора и Србија ќе играат меч во Македонија!?

Вљубениците на ватерполо спортот во Македонија по неколку години пауза би можело повторно да погледнат врвен меч од овој спорт, откако ватерполо федерациите на Црна Гора и Србија постигнаа договор за промоција на овој спорт во регионот.

На состанокот одржан вчера во Подгорица, а на кој биле најтесните раководства на двете матични федерации се договорило неколку меѓусебни натпревари меѓу нивните најдобри селекции да се одиграат надвор од границите на нивните држави, но притоа во државите од регионот.

Првиот меч помеѓу популарните „ајкули“ и „делфини“, прекари под кои што се познати националните тимови на Црна Гора и Србија, кој ќе биде одигран во рамки на овој договор, е оној во Босна и Херцеговина. Мечот од 6. коло во прелиминарниот дел од Светската лига ќе се игра во Бања Лука. Во иднина предвидено е овие две селекции да одиграат неколку натпревари и во другите градови од БиХ, како и во Македонија и Бугарија.

За потсетување, не така одамна македонското ватерполо ги забележа најголемите успеси, во период од 2008 до 2012 години. Нашиот национален тим настапи на три Европски првенства, едно Светско првенство, два настапи на квалификациски турнир за пласман на Олимписките игри, како и бронзен медал од Универзијадата во Кина, 2011 година. За жал како на брзина дојде успехот, така скоро неприметно, повторно исчезна овој спорт во нашата држава.