• Сашо Поповски
На третиот ден од Европското првенство во ватерполо, репрезентација на домаќинот, Србија одново имаше убедлива претстава, a овој пат настрада репрезентацијата на Малта. Домашните ватерполисти беа немилосрдни кон аутсајдерот и славеа со убедливи 20-2 (6-0,5-1,4-1,5-0).
Во другите натпревари од денешната програма, Хрватска беше надмоќна над репрезентацијата на Франција и заздрави од болниот пораз во првото коло, забележувајќи убедлива победа од 20-5 (7-0, 1-1, 8-2, 4-2). Изненадувањето дојде во првиот натпревар, во кој Словачка загуби од Холандија, во натпревар во кој Холанѓаните постојано беа во водство и не дозволија никакво приближување на противникот. Холандија дојде до првата победа, 6-5 (2-1, 2-1, 0-1, 2-2), откако загуби од Црна Гора во првото коло од натпреварувањето.
Дербито на денот беше натпреварот помеѓу Црна Гора и Шпанија. Очекувано се одигра тврд натпревар со пресврти, за на крај екипите да ги поделат бодовите и да одиграат 8-8 (3-3, 1-2, 2-2, 2-1).