Унгарија со гол во последната секунда ја совлада Шпанија и закажа финале со Грција!

Репрезентацијата на Унгарија ќе ѝ се приклучи на Грција во големото финале од Светското првенство во ватерполо, откако во полуфиналниот дуел славеше над фаворизираната Шпанија со 12-11 (3-3, 1-3, 3-2, 5-3).

Последните две четвртини беа клучни за победата на Унгарците кои на спектакуларен начин се вратија во мечот и со пресврт успеаја да обезбедат „виза“ за мечот кој ќе го одлучи добитникот на златниот медал. 

Спектаклот го приреди Кристијан Манхерч кој постигна гол буквално во последната секунда од натпреварот, по што започна големото славје на Унгарците. Шпанците протестираа мислејќи дека топката не ја минала замислената гол-линија, но ВАР-технологијата го потврди голот и на тој начин Унгарија обезбеди пласман во големото финале. 

Во мечот за златниот медал ќе се соочи со репрезентацијата на Грција, за која ова ќе биде прво историско учество во големите финалиња од светските првенства. Финалниот натпревар ќе се одигра в петок, со почеток во 11:00 часот по македонско време.