Унгарија шокирана на стартот на ватерполо турнирот, одлично деби за Црна Гора

Поразот на една од најтрофејните ватерполо репрезентации во историјата, унгарската, е главното изненадување на стартот на олимпискиот ватерполо турнир. Подобри од Унгарците на стартот беа Грците. Дуелот беше целосно израмнет, а нашиот јужен сосед издвојува победа од 10-9 (2-3, 4-3, 3-2, 1-1). 

Италија не се испоти да ја победи Јужна Африка со 21-2 (11-2, 0-0, 6-0, 4-0), а Соединетите Американски Држави и Јапонија одиграа драматичен дуел, кој Американците го добија со 15-13 (3-3, 4-5, 4-2, 4-3). Црногорската репрезентација се мачеше, но сепак го скрши отпорот на Австралија, победувајќи ја со 15-10.(4-5, 2-2, 4-1, 5-2). Марко Петковиќ и Укропин беа најдобри во победничкиот табор. 

Првото коло ќе биде комплетирано со натпреварите Шпанија - Србија и Казахстан - Хрватска.