Унгарија по драма и пенали ја совлада Грција и стана светски првак!

Финалето на Светското првенство во ватерполо во Фукуока понуди неверојатна драма, по која на крајот Унгарија се радува на трофејот. Унгарците подобро изведуваа пенали и со 4-3 (10-10) дојдоа до триумф над Грција. 

Иако константно во текот на финалето беа во негатива, Грците изборија пенал серија. Првата четвртина Унгарија ја доби со 4-2, за потоа до паузата ривалот да намали еден гол (5-4). Грците изборија егал во третиот период, но Унгарците пак дојдоа до водство. Во завршната минута при 10-10 двете селекции имаа по напад за победа. Повеќе можеше да жали Унгарија која погоди статива, па финалето се насочи кон петерци. 

Голманите беа на висина на задачата, унгарскиот Сома Вогел дури четири пати успеа да ја спаси својата мрежа, а Грците двапати ги спасуваше рамката од голот. По седум серии, Унгарија со 4-3 дојде до голема победа и славје. 

Најефикасни кај Унгарија беа Мартон Вамос и Ѓорѓо Заланки со по четири гола, а Сома Фогел собра дванаесет одбрани, меѓу нив и четири удари во пенал рулетот. Константинос Генедијунас со пет гола беше најдобар во грчкиот табор, а Александрос Папанастасиу постигна три погодоци.

Четврти пат во историјата Унгарците станаа светски првак, додека претходно во „малото финале“ Шпанија ја совлада Србија.