ВИДЕО: Српските „делфини“ им се реваншираа на Хрватите и обезбедија ново европско финале

Бранителот на титулата од пред две години, Србија е првиот финалист на 33. Европско првенство во ватерполо, кое се одржува во Барселона. Во реприза од ланското мундијалско полуфинале од Будимпешта, Србите на селекторот Савиќ го совладаа светскиот првак Хрватска со 9-7 (5-3, 1-1, 1-1, 2-2).

Мечот започна со агресивни, но не најдобро организирани одбрани, па две селекции максимално ги користеа исклучувањата. Милош Чук со три гола ја одлепи Србија на 6-3, пред Бушље да погоди за -2 на крајот од вториот дел.

Во овој период се играше прегрубо, па Хрватот Фатовиќ заработи директен црвен картон. Третиот период ја зголеми агресивноста и по двајца ватерполисти од двете селекции добија по три исклучувања, а заради приговор црвен картон заработи и хрватскиот селектор Туцак.

Во тој хаос во водите на олимпискиот базен „Бернат Пикорнељ“ подобро се снајде Србија и преку Мандиќ го затвори прашањето на победникот.

Најефикасни во српскиот табор беа Мандиќ и Чук со по три гола, а кај Хрватите се истакна Анте Вукичевиќ со три погодоци. Противник нa Србија во саботното финале ќе биде поуспешниот од второто полуфинале меѓу Шпанија и Италија.