Србите декласирани, Унгарија директно во четвртфиналето на ЕП во Сплит

Српските ватерполисти се убедливо поразени од Унгарија со 16-7, во второто коло од групата Д на Европското првенство во Сплит. Избраниците на Дејан Савиќ уште пред овој натпревар обезбедија пласман во осминафиналето, благодарение на убедливата победа над Израел. Сепак, попладнево имаа можност да стигнат до четвртфиналето со евентуална победа против големиот ривал, актуелниот европски првак, но тоа не се случи.

Унгарија ги надигра „делфините“ од Србија, кои практично беа непрепознатливи од крајот на првата четвртина, па поразот беше неизбежен. По напорните воведни неколку минути, двата тима играа по системот гол за гол. На голот на Конарик одговори Страхиња Рашовиќ, а по голот на Молнар по пливање, пак Рашовиќ погоди од дистанца. Од тој момент сè се распадна во играта на Србија, а европскиот првак влезе во серија која траеше долго.

Во последното коло од групата, Унгарија игра со Израел, а Словенија е следен ривал на Србија.