Србија со нова лесна победа веќе е финалист на ватерполо шампионатот

Без дилеми и неизвесност, српската ватерполо репрезентација обезбеди место во финалето на Европското првенство на кое е домаќин. Во првото полуфинале во Белград, пред 9.000 гледачи, Србија ја декласира Грција со 13-7 (4-3, 2-0, 4-1, 3-3). 

Почетокот беше тврд, но потоа Србите играа сензационално и го добија шестиот последователен меч на шампионатот. Пјетловиќ и Филиповиќ со по три гола беа најефикасни, Мандиќ и Прлаиновиќ дадоа по два, а Митровиќ, Чук и Јакшиќ беа автори на по еден гол. Гунас и Влахопулос со по два гола се истакнаа во грчкиот табор, а по еден гол дадоа Афрудакис, Делакас и Коломвос. 

Утре, во второто полуфинале, ќе се сретнат Црна Гора и Италија.