• Мартин Танасковски
Ватерполо репрезентацијата на Србија избори пласман во полуфиналето на Европското првенство, откако во белградската „Арена“ ја совлада силната селекција на Унгарија со резултат 15-14, по четвртини 4-4, 4-3, 5-1 и 2-6.
По убедливиот триумф над Франција, ова беше првиот вистински тест за српскиот национален тим на турнирот. Заедно со Шпанија, Унгарија важи за еден од најквалитетните и најнезгодни ривали, селекција која не простува пад на концентрацијата и секоја слабост знае да ја казни. Сепак, кога „делфините“ функционираат како компактна и дисциплинирана целина, малку екипи во светот можат да им парираат.
Србија одигра одлична трета четвртина, во која направи клучна разлика и изгледаше дека сигурно чекори кон победата. Сепак, во финишот дозволи непотребна драма, нешто што не смее да се случува во вакви натпревари од нокаут-фаза.
Унгарците се вратија со силен притисок во последниот период, но српскиот тим успеа да ја зачува минималната предност и да го завери пласманот меѓу четирите најдобри.