Србија го брани трофејот, голема конкуренција за европскиот врв

Во периодот од 14-ти до 26-ти јануари ќе се одигра Европскиот ватерполо шампионат во Будимпешта. Во машка конкуренција ќе настапат вкупно 16 екипи распоредени во четири групи. Победниците на групите ќе се пласираат во четвртфиналето, додека второ и третопласираните ќе играат плеј-оф меѓусебе. 

Бранител на континенталниот трофеј е Србија, која има четири последователни златни медали од овој турнир. Секако тие се една од најуспешните земји во историјата на спортот, а на првенството доаѓаат како освојувач на Светската лига годинава. 

Традиционално главен ривал на Србите се очекува да биде Хрватска, која загуби во финалето на Светската лига, а настапува во А конкуренцијата. Освен нив во борбата за титулата ќе биде и светскиот првак Италија од групата Д, која секогаш е незгоден противник. 

Светскиот вицепрвак Шпанија ќе сака да се одмазди за тешкиот пораз од Италија на Светскиот шампионат летово, а со сигурност е најголем фаворит во Ц групата. Сепак, со нив е и домаќинот Унгарија која е „фаворит од сенка“. Тие стигнаа до четвртото место на Мундијалот, а пред своја публика мотивите ќе бидат кон медалите.