Необичен револт на Италијанците: Го започнаа мечот против Шпанија со играч помалку

Ватерполо репрезентацијата на Италија најде начин да го искаже својот револт кон, според нив, ужасното судење на четвртфиналниот натпревар од Олимписките игри против Унгарија. 

„Аѕурите“ сметаат дека поради лошото судење останале без шанса за борба за медал, а најмногу ја потенцираа арбитражата кон нивниот репрезентативец, Франческо Кондеми, за што се огласи и Светската ватерполо федерација, која призна дека судиите погрешиле во неколку наврати. 

Италија го искажа револтот на невообичаен начин, каков што никогаш не е виден на Олимписките игри. На натпреварот против Шпанија, кој се игра за пласман од 5. до 8. место, Италијанците решија да го свртат грбот кон базенот за време на интонирањето на химната, а потоа направија уште еден неочекуван потег. 

Франческо Кондеми прв доплива до топката, но реши со неа да го напушти базенот и ја симна капата од главата, што наиде на поздравување од селекторот Алесандро Кампања, потег кој очигледно бил договорен пред мечот. Следуваше четириминутен период во кој Италијанците воопшто не напаѓаа, играјќи со човек помалку и симболично изразувајќи простест за „бруталити“ прекршокот, кој беше досуден против Кондеми во четвртфиналето. Потоа заиграа во свој стил, но на крајот загубија со конечни 11-9. 

Навивачите ги поздравија своите миленици, а Италијанците покажаа вистински пркос и голем револт кон судењето на Олимписките игри. Дел од јавноста ова го протолкува како голем и невиден скандал, додека во Италија ватерполистите добија поддршка и ги сметаат за вистински херои.