Шпанија остана перфектна, „баракудите“ налетаа на Унгарија во четвртфиналето

Шпанската ватерполо репрезентација единствена со максимални пет победи влегува во елиминационата фаза на олимискиот турнир, а непоразена покрај фуријата е само уште Грција. Успехот на шпанските ватерполисти добива на тежина, бидејќи беа дел од посилната Б група, во која играа и сите балкански ватерполо сили.

Во последното дерби од групната фаза Шпанија ја надигра Хрватска со 8-4 (2-1, 1-0, 4-2, 1-1) и го освои првото место во групата, па во четвртфиналето ќе се соочи со американската селекција. 

Дуелот беше тврд и Хрватска дури во десетттата минута го постигна првиот погодок. Агире беше феноменален на голот, а Бустос и Санахуја погодуваа кога најмногу требаше за уште една победа на селекцијата во најдобра форма на турнирот. За „баракудите“ ова е втор пораз во Токио, по оној почетниот против Австралија. 

Противник на Хрватска во четвртфиналето ќе биде унгарската селекција. До крајот на групната фаза на машкиот ватерполо турнир ќе бидат одиграни уште натпреварите: Јапонија - Јужна африка и Австралија - Казахстан.