• Саше Љолес

Женската репрезентација на Шпанија е вториот патник во големото финале од Светското првенсто во ватерполо што се одржува во јапонскиот град Фукуока, откако во полуфиналниот дуел славеше над селекцијата на Австралија со 12-10 (5-2, 3-4, 2-2, 2-2).
И на овој дуел клучна се покажа првата четвртина која Шпанките ја добија со три разлика, а потоа умешно ја чуваа предноста до самиот крај. Австралијките се прикажаа во солидно светло и одиграа одличен турнир, но сепак ќе мораат да се задоволат со битката за бронзениот медал.
Во „малото финале“ Австралија ќе се соочи со репрезентацијата на Италија, а борбата за најсјајното одличје ќе се одвива помеѓу Шпанија и Холандија. Двете пресметки кои ќе ги дадат освојувачите на медалите ќе се одиграат в четврток.