Шпанија ѝ се реваншира на Италија и седна на светскиот трон!

Ватерполо репрезентацијата на Шпанија е нов светски првак. „Фуријата“ ѝ се реваншира на Италија и со 15-14, по изведување на петерци го освои трофејот на Светското првенство. Во реприза од минатото издание на Мундијалот, вечерва во Будимпешта дојде до одмазда откако подобро шутираше пенали. 

Дуелот тргна изедначено, иако Шпанците поведоа со 2-0, ривалот успеа да се врати и израмни на 3-3. До полувремето „фуријата“ одново заигра подобро, го доби вториот период со 3-0 и направи одлична предност. Сепак, Италија не запре и тргна да ја топи разликата. 

Шпанската игра не беше на нивото, а „аѕурите“ го искористија тоа и се вратија во натпреварот. Еден од клучните моменти се случи во финишот на третата четвртина, кога шпанскиот селектор Давид Мартин неправилно повика тајм-аут, па наместо +2, во последната четвртина Шпанците имаа само гол предност. Италијанците се вратија во дуелот, имаа егал во завршната минута, па противникот не реализира напад со човек повеќе за трофејот. 

И пенал-рулетот беше изедначен како и целиот натпревар, Шпанците не материјализираа рана предност, но потоа голманот Унаи Агире одбрани за светската титула.