Рутински победи на Црна Гора и Шпанија на отворањето на ЕП во ватерполо

Двата кандидати за највисок пласман на Европското првенство во ватерполо, Црна Гора и Шпанија, со убедливи победи го започнаа континенталниот собир во Будимпешта. 

Црна Гора на премиерата за свој противник ја имаше селекцијата на Словачка, која ја совлада со 11 гола разлика (15-4). Интересно е тоа што Словачка беше поуспешна во првиот период и имаше водство од 2-1, но веќе во следната четвртина „ајкулите“ влегоа во серија и ја најавија лесната победа.

До рутинска победа стигна и селекцијата на Шпанија, откако со 23-7 запиша први бодови на дуелот со Малта. И на овој дуел израмнето беше само во првиот квартал, по кој „црвената фурија“ имаше водство од само еден гол (4-3), но во останатите периоди ја покажа своја моќ на дело и запиша победа од 16 гола разлика.

Стартна победа извојува и селекцијата на Холандија, која со 8-7 славеше над Романија.