• Сашо Поповски
На шестиот ден од Европското првенство во ватерполо во Белград се одиграа натпреварите од групите Ц и Д. Без преголеми изненадувања, фаворитите одиграа одлично и ги добија своите натпревари.
Во групата Ц, Италија беше убедлива против аутсајдерот Грузија и победи со 21-1 (5-1, 6-0, 6-0, 4-0). Италијанците се единствената екипа во оваа група со максимален учинок. Вториот натпревар беше понеизвесен. Романија успеа да ја совлада репрезентацијата на Германија во последните секунди, 14-13 (3-3, 3-2, 5-5, 3-3).
Во групата Д, Унгарија очекувано ја победи Турција со 20-5 (4-0, 4-1, 5-1, 7-3). Далеку понеизвесен беше натпреварот помеѓу Грција и Русија, Русите дури во последната четвртина направија пресврт за конечни 9-8 (2-2, 2-2, 2-4, 3-0).