Русија пресилна за француските ватерполисти, следува четвртфинале со Италија

Според очекувањата руската ватерполо репрезентација е последниот четвртфиналист на Европското првенство кое се одржува во Барселона. Во дуелот кој требаше да биде најнеизвесен од денешната програма, Русија ја совлада Франција со 12-9 (4-1, 4-1, 2-4, 3-2) и закажа дуел со Италија за влез во полуфиналето.

Од самиот почеток „Зборнаја“ наметна одлична реализација со играч повеќе и со два гола на Лушинов, првиот дел го доби со 4-1. Сушков, Деревјанкин и Нагаев со по два гола ја дотолчија француската селекција, во чии што редови Краш и Крусилат постигнаа по два гола. 

Во четврфиналните мечеви во вторник се среќаваат: Србија – Унгарија, Хрватска – Црна Грра, Грција – Шпанија и Русија – Италија. Полуфиналните мечеви се играат в четврток, а големото финале е в сабота. Титулата од Белград пред две години ја брани Србија.