РИО 2016: Балканците повторно ќе ја водат битката за медалите на ватерполо турнирот

Фаворит број еден за освојување на златниот медал на ватерполо турнирот во Рио во машка конкуренција ќе биде несомнено селекцијата на нашиот северен сосед Србија. Тоа е селекцијата која во изминатите две години ги обедини титулите од Европското првенство, кое се оддржа во нивната држава, потоа во казахстанскиот Аламати стигна и до златото на Светското првенство, а сезонава ја освои и Светската лига. На последните игри во Лондон, Србија стигна само до бронзениот медал.

Сигурно во фаворитите за медал е и актуелниот бранител на златото од ЛОИ во Лондон, селекцијата на Хрватска која на последното ЕП не се прослави, пласирајќи се на седмото место. Во Светската лига стигна до третата позиција, а на Мундијалот исто така беше седма, на место кое го подели со Грција. Сепак мора да се земе предвид дека оваа држава која го дава актуелниот европски шампион Југ од Дубровник.

Тука е и третиот национален тим од поранешните југословенски простори, Црна Гора која изминатиот период го подмлади тимот, но не доживеа драстичен пад. Играше финале на ЕП во кое загуби од Србија, но стигна до среброто, а во Светската лига заврши како четвртопласирана. На последните игри во Лондон, Црногорците за малку испуштија медал, откако во утешното финале за бронзата беа поразени од Србија.

На трите балкански сили во конкуренција може да и влезе и Унгарија, која во Светската лига и на СП заврши како второпласирана, а на ЕП дојде до бронзата. Кругот на селекции кои може од сенка да се замешаат за медал се затвора со секогаш опасните Италија и САД, но нивните шанси се драстично помали од првоспоменатите четири национални тима.

Дванаесетте селекции во машка конкуренција во Рио се поделени во две групи. Во А групата се наоѓаат Србија, Унгарија, Грција, Јапонија, Бразил и Австралија, додека во Б групата се најдоа САД, Хрватска, Шпанија, Италија, Франција и Црна Гора. Турнирот почнува на 6 август и веднаш на стартот следи дербито помеѓу Србија и Унгарија, противници кои нема да биде изненадување да ги одмерат силите и во финалето.

Кај дамите актуелен олимписки шампион е селекцијата на САД, додека среброто и бронзата во Лондон заминаа на градите на ватерполистките од Шпанија, односно Австралија. И годинава се очекува овие селекции, вклучувајќи ја и Унгарија да се борат за медалите.

Натпреварите од ватерполо турнирот ќе се играат на отворениот базент при „Мариа Ленк Акватик центар“ кој е изграден и отворен за Пан Американските игри во 2007 година, а во меѓувреме е реновиран пред ЛОИ.