• Мартин Танасковски
Светското првенство (СП) во ватерполо во Унгарија на програмата ќе понуди европско финале, затоа што во мечот за златото се пласираа репрезентациите на Шпанија и Италија.
Шпанците одиграа доминантно и ја разбија селекцијата на Хрватска. „Баракудите“ во полуфиналето загубија со 10-5 од популарната „фурија“, а немоќта се покажа во последната четвртина од натпреварот кога се примија три гола, а не се поентира ниту еднаш.
Противник на Шпанија во финалето ќе биде Италија, која минимално беше подобра од Грција (11-10). Во еден супер-драматичен дуел „аѕурите“ ја грабнаа посакуваната победа и патуваат во големото финале.
Италијанците се најтрофејната нација на Светските првенства со вкупно четири титули (1978, 1994, 2011, 2019) и се бранители на тронот. Шпанија, пак, има две, во 1998 и 2001 година. Токму овие две селекции играа една против друга во последното финале на СП во ватерполо во 2019 година, мечот заврши 10-5 за Италија.