Олимпијакос сака европска титула, легендарниот Милановиќ ќе ги води „црвено-белите“

Легендарниот српски ватерполист Игор Милановиќ од следната сезона ќе биде тренер на Олимпијакос, каде ќе го наследи Теодорос Влахос.

Оваа информација не е нова, со недели се шпекулираше дека поранешниот тренер на Про Реко, Црвена звезда и Партизан ќе го преземе шампионот на Грција. Сега таа шпекулација доби и официјална потврда.

„Мило ми е што сум овде, Олимпијакос е тим со голема традиција и чест ми е што ќе работам во Грција. Додека бев играч, бев блиску до преселба во овој клуб во 1991 година, но тоа сепак не се случи. Мило ми е што дојдов во Олимпијакос сега.

Имам одличен однос со луѓето во клубот. Тука е Филип Филиповиќ, имаме одлични шутери, одлични голмани, интернационалци и грчки репрезентативци. Се надевам дека ќе имаме успешна сезона. Мислам дека можеме многу во Европа“, изјави Милановиќ.

Милановиќ двапати како тренер го крена трофејот во Лигата на шампионите - еднаш со Партизан и еднаш со Про Реко. Минатата сезона го водеше Нови Београд, клуб со кој стигна до финалето на елитното европско натпреварување.