Одржан третиот ватерполо турнир за ветерани во Пештани

Во туристичкото место Пештани деновиве трета година по ред се одржа ватерполо турнир за ветерани, во организација на ветераните од клубот Вардар од Скопје, а во соработка со мештаните од Пештани и Општина Охрид.

Според организаторите, идејата на овој аматерски ветерански турнир е преку игра и дружба да се промовира спортот, со цел во него да се вклучат и најмладите, па преку забава и дружба полека да се врати желбата кај нив за овој спорт во нашата држава.

Овој турнир со поддршка на општината како и граѓаните, од година во година зема се поголем замав и ќе прерасне во турнир каде покрај ветерани, учество ќе земат и активни клубови и играчи, а со тоа ќе се врати сјајот на овој спорт на овие простори.

Оваа година турнирот започна со едноминутно молчење заради прераната смрт на Кирил Гранков од ватерполо клубот Штип, ветеран кој ненадејно почина само неколку недели пред турнирот во Пештани.