• Зоран Мишевски
Со широката спортска база и систематската работа која ватерполо клубот Вардар ја спроведува со сите младински категории, веќе стигнаа резултатите. Со шампионска титула меѓу пионерите и вицешампионска кај кадетите, вардарци веќе ја прогласија за успешна оваа сезона.
„Горди сме на нашите деца. Овие резултати се одраз на континуирана посветеност, структуриран тренажен процес и искрена љубов кон спортот. Наградени сме за тимската работа, дисциплината и менталитетот на победници што секојдневно го градиме во базен,“ велат тренерите на пионерската селекција на Вардар.
Државното првенство, организирано од Националната пливачка федерација, собра водечки ватерполо клубови од целата земја, кои се натпреваруваа во повеќе возрасни категории. Настанот помина во одлична атмосфера, со високо ниво на спортска фер-плеј култура, добра организација и присуство на публика која испрати голема поддршка на младите спортисти.
Со повеќе од 100 активни членови, стручни лица во стручниот штаб, и поддршка од родителите, ВК Вардар е меѓу ретките клубови во земјата што нуди континуитет, стабилност и развој на сите нивоа. Посебен акцент се става на младинските категории, кои се темел на иднината на македонското ватерполо.
Овој успех се случува во период кога ватерполото во Македонија, по неколку години стагнација, повторно зазема важно место на спортската мапа. Поддршката од Министерството за спорт и Пливачката Федерација резултира со зголемен интерес, поголема видливост и зголемен број млади кои се приклучуваат во спортот.