Најтрофејниот ватерполо тренер заминува во пензија со 31 освоен трофеј

Најтрофејниот ватерполо тренер на сите времиња, Ратко Рудиќ стави крај на неверојатната кариера. Поранешниот селектор на репрезентацијата на Југославија, Рудиќ освои 31 медал на големите натпреварувања, 14 од нив златни.

72-годишниот Ратко Рудиќ е единствениот тренер кој со три различни репрезентации, Југославија, Италија, Хрватска, бил светски и олимписки шампион. Беше селектор на Бразил и Соединетите Американски Држави, а го водеше и најголемиот клуб во светот Про Реко од Џенова.

„Најдраги медали ми се првите медали кои ги освоив со јуниорските селекции на Југославија, а тоа беа сребрените медали на Европското и Светското првенство во првата половина на 80 години од минатиот век“, изјави Рудиќ.

Хрватот во пензија замина како тренер на Про Реко, откако пред неколку дена се прекина ватерполо сезоната, а Рудиќ и клубот не ја продолжија соработката.