Југ е европски шампион во ватерполо: Хрватите го совладаа Олимпијакос во финалето

Југ европски шампион

Екипата на Југ од Хрватска стигна до четвртата титула европски шампион, откако во денешното финале го совлада грчкиот шампион, Олимпијакос со 6-4.

Хрватските ватерполисти беа поумешни во неизвесното финале и заслужено станаа нови европски прваци, прв пат по 2006 година. На стартот, Олимпијакос поведе со 1-0 и 2-1, но упорноста на хрватската екипа беше клучна, која на крај се радуваше на европската круна. Ова е четврта титула за ватерполистите на Југ, претходно ги освоија националното првенство и куп и регионалната јадранска лига. Пероне постигна два гола, а по еден Бениќ, Маро Јоковиќ, Хавиер Гарсија, Обрадовиќ, а голманот Марко Бијач имаше 10 одбрани.

На завршниот турнир, екипата на Југ забележа три победи, а во полуфиналето го совлада и минатогодишниот шампион, Про Реко од Италија. На третото место заврши екипата на Шолники од Унгарија, која го совлада Про Реко со 11-7.