Италија им се одмазди на САД и ја освои Светската лига

Ватерполо селекцијата на Италија е нов освојувач на Светската лига. Во големото финале, одиграно вечерва, „аѕурите“ им се реваншираа на Соединетите Американски Држави и со убедливи 9-13 го освоија најсјајниот медал. 

Со овој успех на Италија прекината е доминацијата на селекциите од поранешните југословенски простори, кои доминираа во последните дванаесет години (Србија осум, Црна Гора три и Хрватска една титула).

Најефикасни во италијанскиот тим беа Џакомо Канела, Лука Дамонте и Едуардо ди Сома со по три гола. За Соединетите Американски Држави расположени за игра во нападот беа Александар Боуен со три гола и Бенџамин Халок со два гола.

Претходно двете селекции се сретнаа во групната фаза, а на тој натпревар поуспешни беа Американците, славејќи со идентични 13-9. Во малото финале триумфираше селекцијата на Шпанија, која што до бронзениот медал стигна со победата над Франција од 11-8.

Петтото место попладнево го освоија ватерполистите на Србија кои беа подобри од Црна Гора со 8-6, додека во мечот за седмото место Австралија ја совлада Канада со 13-9.