Хрватските ватерполисти ги срушија Италијанците, Унгарија убедлива со Јапонија

Bатерполистите на Хрватска на олимпискиот турнир во Рио славеа победа против директниот конкурент за првото место, селекцијата на Италија со 10-7 (1-1, 4-3, 3-2, 2-1). Со денешната победа Хрватите ја прекинаа серијата од три порази по ред од Италијанците.

Денешниот натпревар го одбележа цврста и агресивна игра во која на крајот поуспешни беа хрватските ватерполисти. По нерешената прва четвртина, втората ја добија Хрватите со 4-3 и на одмор заминаа со предност од 5-4. Во продолжение Хрватска продолжи со шутеви од далечина, што се покажа и како клучно решение за денешната победа од 10-7 и првиот пораз за Италија. Најзаслужен за победата беше Сандро Сукно со 5 гола, од кои три гола во третиот дел. За Италија најефикасен беше Гало со 2 погодока.

Со денешната победа Хрватска се израмни на првото место со Италија, а во последното коло игра против последната Франција. Италија во последното коло игра против незгодните ватерполисти на САД. Во првиот денешен меч ватерполистите на Унгарија славеа очекувана и убедлива победа против Јапонија од 17-7.