Хрватските „баракуди“ пресилни за Црна Гора, закажаа полуфинале со Србија

Светскиот првак Хрватска е вториот полуфиналист на Европското првенство во ватерполо во Шпанија. Иако три четвртини го ловеа противничкото водство, сепак Хрватите го извадија на површина квалитетот и се радуваа на пoбеда над Црна Гора со 9-7 (1-2, 1-2, 4-2, 3-1) .  

Тврдата црногорска одбрана се наметна уште од самиот почеток и водени од Драшковиќ и Млаѓан Јановиќ, европските вицешампиони две четвртини постојано водеа. Најчестите +2 донесоа психолошка предност за Црна Гора во втората половина од четвртфиналето. 

Сепак, светските прваци се созедоа и преку Буљубашиќ и Фатовиќ дојдоа до егал и со резултат 6-6 се влезе во последниот период. Првите три минути од четвртата четвртина се покажаа како клучни. Наизменично погодија Лончар, Јоковиќ и Бушље и Хрватска се одлепи на +3. И покрај реакцијата на Црногорците, предноста беше недостижна и „коцкестите“ се радуваа на триумф од 9-7.

Најефикасни во победничкиот табор беа Сетка и Буљубашиќ со по два гола, а кај поразената Црна Гора се истакна Ивовиќ со два гола. В четврток во првото полуфинале ќе се соочат полуфиналистите и од Мундијалот во Будимпешта минатата година, Србија и Хрватска.