• Горан Упале
Хрватската ватерполо репрезентација се пласираше во полуфиналето на Светското првенство, откако во големото дерби ја совлада Србија со 14-12. За „баракудитее“ ова е втора победа во низа против лутиот ривал, по онаа на олимпискиот турнир минатата сезона, која што заврши со идентичен резултат.
Двете селекции водеа голема битка во базенот во Будимпешта, а клучни периоди за Хрватите беа втората и четвртата четвртина. По првиот квартал резултатот беше 1-1, а потоа избраниците на Дејан Савиќ беа за нијанса понеуспешни и Хрватска на полувреме замина со предност од 4-5.
По паузата се играше отворено и двете селекции постигнаа по пет гола, додека во завршниот дел Хрватите одново беа поуспешни за еден гол и заслужено извојуваа победа од 12-14.
Во борбата за финалето Хрватска ќе се сретне со победникот од натпреварот Шпанија - Црна Гора.