Хрватска го доби ватерполо-класикот со Србија и ќе брка прво место во групата!

Хрватска ја надигра Србија и победи со 14-12 (5-3, 1-1, 4-4, 4-4) во четвртото коло на ватерполо турнирот во рамките на Олимписките игри. Лутите ривали одиграа интересен натпревар, во кој доминираше селекцијата на Хрватска, речиси константно водеше и заслужено победи. 

Хрватска започна феноменално, максимално ја користеше играта со човек повеќе и изненадувачки поведе со 5-1. Обрановиќ и Гарсија блескаа, пливаа подобро и побрзо и Пјетловиќ скоро да немаше одбрана. Но, Србите се разбудија, почнаа да играат подобра одбрана и полека ја стопија предноста. Олимпискиот победник до 5-4 благодарение на Мандиќ и Прлаиновиќ, но Обрановиќ погоди пред крајот на втората четвртина и на одмор се замина со 6-4. 

И третиот квартал започна со хрватски гол на Анте Вукичевиќ. Но, Јакшиќ ги одржуваше Србите во живот и со два гола во серија намалија на 7-6 на средина од третата четвртина. Долгото ловење им донесе резултат на Србите и Митровиќ израмни на 8-8 во четвртата минута од третата четвртина. Но, одбраната им беше на многу послабо ниво и Обрановиќ и Букиќ реализираа за 10-8 на крајот од третата четвртина. 

Секој српски обид олимписките победници да се вратат во натпреварот го сруши Паоло Обрадовиќ и со својот четврти погодок зголеми на +4 на почетокот на последната четвртина. Иако Србите дојдоа до минус два, немаа сили за подвиг и на крајот загубија од популарната „баракуда“. 

Со оваа победа, Хрватска се етаблира на втората позиција во групата Б и во последното коло против Шпанија ќе го брка лидерското место. Од друга страна, Србија е сигурен патник во следната фаза, но во последното коло ќе го брани третото место против Црна Гора.

Значајна победа запишаа и ватерполистите на Унгарија, кои ги совладаа Соединетите Американски Држави со 11-8 (2-1, 3-3, 3-0, 3-4). Со оваа победа Унгарците за момент избија на врвот, но Грција и Италија, кои се непоразени, не ги одиграле натпреварите од четвртото коло.