• Зоран Мишевски

Во прекрасната атмосфера на отворениот базен „Алфред Хајош“ во Будимпешта преку 7.000 гледачи видоа историско финале на Светското првенство во ватерполо, по кое Хрватска направи уште еден подвиг и ја победи Унгарија со 6-8 (0-4, 2-0, 2-2, 2-2) за враќање на превласта во светското ватерполо.
Хрватите феноменално го почнаа мечот и за четири минути поведоа со 0-3 со головите на Сукно, Лончар и Јоковиќ. Унгарскиот селектор повика минута одмор, но неговите момци уплашено влегоа во финалето и не постигнаа гол цела прва четвртина. Дури и Марко Мацан во последните мигови од првиот период со многу доза на среќа пак го совлада Наџи (0-4).
По осум минутен пост Мартон Вамос во првата минута од вториот период постигна гол за Унгарија за 1-4. Кога Бела Торок погоди во 10. минута за 2-4, веднаш се разбуди гледалиштето и Унгарија се врати во натпреварот (2-4). Тогаш, Хрватите влегоа во голема офанзивна криза и цел втор период не постигнаа гол.
На самиот почеток на третата четвртина, Ердељи Балаш погоди и скоро целосно ја истопи предноста на „коцкестите“ (3-4). Унгарците играа како во транс и Кристијан Манерц со ефектен гол израмни на 4-4 во 19. минута. По скоро 12 минути без постигнат гол, натурализираниот Хрват, Серзо Гарсија постигна важен гол за враќање на водството (4-5). Истиот ватерполист со гол од осум метри го изненади унгарскиот голман Наџи и го врати спокојот во својот табор (4-6).
Кога на неполни пет минути до крајот Сандро Сукно постигна ефектен гол, Хрватска поведе со +3 и се доближи до златото. Домаќинот не се предаваше и Вамос со два последователни гола намали на 6-7. Се чинеше дека домаќинот има енергија за пресврт, но Сукно со гол од голема дачелина врати на +2. Тоа беше завршниот удар и до крајот Унгарија не се созеде и конечниот резултат гласеше 6-8.
Сандро Сукно со три постигнати гола беше најдобар поединецот во хрватскиот табор, Гарсија даде два гола, а по еден постигнаа Мацан, Лончар и Јоковиќ. Кај Унгарците единствена светла точка беше Мартон Вамос со три гола. Бронзена е Србија, откако попладнево во малото финале ја победи Грција со 11-8.