Хрватите ја победија Италија и дома ќе го нападнат европскиот трон!

Ватерполо репрезентацијата на Хрватска ќе игра во финалето на Европското првенство кое се одржува во Сплит. „Коцкестите“ во полуфиналето ја победија Италија во „Спаладиум Арена“ со 11-10, со што ја израдуваа својата публика и закажаа меч за трофејот против Унгарците в сабота. 

Се играше крајно неизвесен натпревар, уште од стартот играта одеше гол за гол. „Аѕурите“ двапати поведуваа, а домаќинот се враќаше, за потоа Хрватите да дојдат до 3-2, резултат со кој заврши првата четвртина. Водени од сплитската публика домашните ватерполисти имаа контрола, Италија еднаш поведе до полувремето, а на пауза се замина со хрватско водство од 6-5. 

Иако на стартот „коцкестите“ дојдоа до +2, следеше мини-серија на гостите за егал (7-7). На тоа одговор од Хрватите имаше со два гола за 9-7, а во последниот период се влезе со гол предност за домашните. На стартот на последната четвртина следеше размена на голови, но во завршницата Хрватска успеа да дојде до клучните 11-10. Италијанците имаа шанса за егал, ама голманот Бијач одново се истакна и одбрани шут со играч помалку, за големо славје на публиката. 

Хрватите одат на мегдан со Унгарија за трофејот на Европското првенство в сабота во 20:30 часот, а претходно Италија ќе се судри со Шпанија во „малото финале“.