Грците немоќни, Србија покажа класа и одново слави олимписко злато во ватерполо

Ватерполо репрезентацијата на Србија освои ново олимписко злато, откако во денешното финале против изненадувањето Грција славеше сигурна победа од 13-10 (6-3, 2-4, 2-2, 3-1).  Ова е најдобар можен крај на репрезентативната кариера на седум српски ватерполисти, кои последен пат играат за селекцијата на својата земја. 

По турболентниот почеток на турнирот и неколкуте променливи игри и резултати (порази од Хрватска и Шпанија), Србите во клучните моменти покажаа класа и моќ и заслужено го одбранија олимпиското злато освоено пред пет години во Рио. Иако се очекуваше дека Србија до победата ќе стигне без многу проблеми, Грција уште еднаш докажа дека поседува квалитет за да се надигрува и со најдобрите, но овој пат немаше сили за нова сензација и мораше да се задоволи со сребрениот медал. 

Србија одлично го започна финалето, Душко Пјетловиќ и Филип Филиповиќ беа непогрешливи во нападот и со четири од првите пет гола ѝ донесоа сигурно водство на својата селекција. Сепак, Грција експресно возврати и со одличен втор период се избори за само (-1) на полувреме (7-8).

За разлика од првото полувреме, по паузата, двете селекции одиграа претпазлив и не така ефикасен период во кој Србија го сочува минималното водство и во завршницата се влезе со 9-10 за олимпискиот шампион. 

Последните осум минути започнаа со брз гол на Грците, за израмнување на 10-10, но Мандиќ и Пјетловиќ како да се налутија во финишот и со нови голови ѝ обезбедија ново злато на Србија на олимпискиот ватерполо турнир.

Бронзениот медал го освоија Унгарците со победата над Шпанија со 9-5 (3-3, 2-2, 1-0, 3-0). Италија е петта во класификацијата, Црна Гора шеста, а Хрватска и Соединетите Американски Држави завршија на седмото и осмото место.