Грција слави во ватерполо дербито со Италија

Ватерполо репрезентацијата на Грција направи вистински хаос во групата А, откако го доби дербито во последното коло од групите на Олимписките игри против Италија со 9-8. 

Грците успеаја да го срушат фаворитот и со тоа од подобра позиција ја чекаат четвртфиналната фаза. Првата четвртина беше израмнета (2-2), а потоа до полувремето нашиот јужен сосед дојде до 6-5. Во третиот период Италијанците успеаја да бидат минимално подобри и израмнија (6-6), но во завршниот капитулираа (3-2) и со вкупни 9-8 го загубија дуелот. 

Со оваа победа Грција привремено скокна на првото место, а Италијанците се второпласирани. Сепак, доколку Хрватска ја оправда фаворитската улога против Соединетите Американски Држави ќе го презеде врвот и ќе оди на мегдан со Србите. Од друга страна, второпласираната селекција ќе игра против Унгарија од групата Б, а третопласираната оди на Австралија. 

„Кенгурите“ во последното коло загубија од аутсајдерот Јапонија со 13-14, меѓутоа тоа не ги смени работите на табелата за нив.