Грција ја „разби“ Србија и ќе игра за трофејот на СП во ватерполо

Ватерполо репрезентацијата на Грција е првиот патник во финалето на Светското првенство во Фукуока, откако целосно ја „разби“ Србија со 13-7. Грците одиграа исклучително квалитетен меч во полуфиналето, додека Србите беа под своето ниво и тоа се рефлектира со убедливата победа. 

Првата четвртина беше израмнета, во неа Србија се држеше и остана близу на 3-2. Сепак, до полувремето Грција направи сериозен исчекор кон финалето. Вториот период им припадна со резултат 3-0, за водство од 6-2 на паузата. Во продолжението третиот квартал беше изедначен (3-3), меѓутоа во последниот Грците со 4-2 само ја потврдија победата. 

Грција со ова си обезбеди виза за Олимписките игри во Париз, додека Србија ќе има уште две шанси за такво нешто. Во второто полуфинале се судрија Унгарија и Шпанија.