Грција и Црна Гора лесно обезбедија четвртфинале на ЕП во ватерполо

Ниту во второто осминафинале на 33. Европското првенство во ватерполо во Барселона не се случи изненадување и Грција ја надигра Германија со 13-5 (5-3, 3-0, 2-1, 3-1). Коломвос, Скумпакис, Генидуњас и Агриропулос со по два гола беа најпозитивни во грчкиот табор, а Марко Стам со три гола се истакна кај Германците. Ватерполистите на Грција ќе се борат за место во полуфиналето против домашната Шпанија, во вторник од 22:15 часот.

Подмладената репрезентација на Црна Гора, во меч игран по пороен дожд, ја совлада Романија и закажа четвртфинале против Хрватска. Европските вицешампиони, водени од новиот селектор Гојковиќ, извојуваа победа од 15-5 (3-1, 3-1, 4-2, 5-1). Најефикасни поединци во победничкиот табор беа Радовиќ и Петковиќ со по три гола, а голманот Лазовиќ собра седум одбрани. Црногорците за место во медал-зоната ќе се борат со Хрватска во вторник попладне од 18.30 часот. 

Последниот четвртфиналист ќе бидат познати вечерва по одигрувањето на натпреварот Франција – Русија.