Грција ги „потопи“ Унгарците и обезбеди олимписки медал и место во финалето

За првпат во својата историја, грчката ватерполо репрезентација освои олимписки медал, а в сабота против Шпанија или Србија ќе се борат за златно одличје. Најуспешната ватерполо нација во историјата, Унгарија, потклекна пред грчкиот соста со во првото полуфинале.

Во водите на „Акватик центарот“, Грците доминираа, водеа во текот на сите четири четвртини и како во четвртфиналето против Црна Гора, со чист квалитет го надиграа противникот со 9-6 (2-1, 2-2, 1-1, 4-2). Момците на Тодорис Влахос не примија гол 5-6 минути, го имаа расположениот Скумпакис и по вторпат на турнирот ја совладаа Унгарија (10-9 во групната фаза).  

Заланки беше единствен расположен во унгарскиот состав, неколку пати израмнуваа унгарските ватерполисти, но последната четвртина ја одиграа многу слабо и не постигнаа гол во мрежата на Церведас.

Агриропулос со три гола беше најдобар поединец во првото полуфинале.

Победникот од второто полуфинале меѓу Шпанија и Србија (денес 12:50 часот) ќе го даде противникот на Грција во саботното финале.