Европски ватерполо шампионат: Холандија, Русија и Италија главни фаворити за трофејот

Женскиот европски шампионат во ватерполо ќе се одигра во Будимпешта, со почеток од 12-ти и финале на 25-ти јануари. Круната од минатото првенство ќе ја брани Холандија, која заврши на четвртата позиција од Светската лига за 2019 година. 

За разлика од машкиот турнир, кај жените се игра само во две групи, од каде најдобрите четири се пласираат во четвртфиналето. Петтопласираните ќе играат за деветтата, додека последните од групите за единаесеттата позиција на Европското првенство. 

Очекувањата се високи од Италијанките, кои беа второпласирани во Светската лига, а се во иста група со „лалињата“, како и секогаш незгодната Шпанија. Освен нив, во групата Б ќе се натпреваруваат и Германија, Франција и Израел.

Во А конкуренцијата, Русија се смета за фаворит главно поради бронзата која ја освои во Светската лига, а нив ќе ги предизвикаат домаќинот Унгарија, Грција, Србија, Словачка и Хрватска.