Екипи од Србија, Хрватска и Бугарија на традиционалниот ватерполо турнир во Скопје

Љубителите на ватерполото в петок од 20:00 часот и в сабота од 13:00 часот на базенот „Борис Трајковски“ во Скопје ќе имаат можност да  уживаат и да проследат интересни натпревари во рамките на традиционалниот ватерполо турнир кој се одржува по повод ослободувањето на град Скопје.

На турнирот ќе настапат екипите Рекреативо и Сомови од Србија, тимот на Галеб, Макарска од Хрватска, екипата на Славија од Софија, тимот на Вардар-ветерани составена од ватерполисти кои пред 30 години играа во Втората лига на поранешна Југославија и екипата на Бета од Скопје.  

Организаторите на овој турнир кој се одржува од далечната 1980 година и на кој во минатото настапувале и тимовите на Партизан, КПК од Корчула, ЦСКА од Москва се надеваат дека организацијата на овој турнир ќе придонесе за поголема популаризација на овој спорт, кој да потсетиме во минатото ни приредуваше пријатни мигови.