Драконска казна за Италија, „Аѕурите“ го пропуштаат следното Светско првенство!

Ватерполо репрезентацијата на Италија доби драконска казна од Единицата за интегритет на водените спортови. „Аѕурите“ се казнети со шестмесечна суспензија од сите натпреварувања, што автоматски значи дека ќе го пропуштат следното Светско првенство!

Одлуката доаѓа после сериозниот инцидент на Олимписките игри, кога беа нападнати судиите после натпреварот со Унгарија. Италијанците негодуваа поради одлуката да биде досуден „бруталити“ за нивниот играч Франческо Кондеми, по што следуваше вербален и физички напад врз официјалните лица. 

Санкцијата пристигнува дури неколку месеци подоцна, а воедно ватерполо федерацијата на Италија е казнета со сума од 100.000 евра. Половина од оваа сума ќе мора да биде уплатена во рок од 90 денови, a втората половина е условна, односно нема да стапи на сила ако репрезентацијата не го повтори овој прекршок во следните две години. 

Италија загуби во четвртфиналето на Олимписките игри, кога во пенал-рулетот беше елиминирана токму од селекцијата на Унгарија.