Црна Гора рутински ја мина Италија и е првиот полуфиналист на ЕП

Ватерполо селекцијата на Црна Гора е првиот полуфиналист на Европското првенство во Будимпешта, откако на отворањето на четвртфиналната фаза со сигурни 10-8 славеше победа над репрезентацијата на Италија. 

„Aјкулите“ од Црна Гора кои играат одличен турнир и се меѓу главните фаворити за златниот медал на рутински начин го скршија отпорот на фаворизираната Италија и заслужено обезбедија место меѓу четири најдобри на континентот. 

Израмнето се играше само во првата четвртина, во која Италија одолеваше на противничките напади и на првата мала пауза замина со 3-3. Но, во останатите Црна Гора не дозволи изненадување и со конечни 10-8 ја извојува четвртата победа на овој собир од пет натпревари (поразена беше само од Хрватска во групната фаза, со 11-10). 

Лазовиќ со 12 одбрани и Петковиќ со четири погодоци беа најзаслужно за црногорскиот успех. 

Својот противник во полуфиналето ќе го дознае по завршувањето на дуелот меѓу Русија и Унгарија, кој започнува од 19:00 часот.