Црна Гора по изведување на пенали ја елиминира Унгарија од ватерполо турнирот

Најуспешната ватерполо репрезентација во модерната ера на Олимписките игри, Унгарија е елиминирана уште во четвртфиналето на Олимписките игри во Рио Де Жанеиро. Дека некогаш ништо не значи првото место во групата покажа првиот меч од четвртфиналето на ватерполо турнирот во Бразил.

Унгарија налета на Црна Гора и по 9-9 (1-2, 2-3, 3-3, 3-1) во регуларниот тек, решаваа казнени удари, а по пет серии на петерци, поуспешни беа Црногорците и славеа со 4-2. Најнапред унгарските ватерполисти се спасија од пораз во регуларниот тек, а потоа во пенал рулетот посреќни беа Црногорците кои веќе се во медал зоната. 

Голманот Милош Шчепановиќ беше јунакот и го одбрани пеналот на Хошчански, а Пасковиќ го постигна победоносниот гол за Црна Гора во петтата серија. Во регуларниот тек најефикасни беа Ивовиќ со 3 и Бргуљан со 3 гола кај Црна Гора, а Ергели и Вамош постигнаа по 3 гола за Унгарија. Противник на Црна Гора во полуфиналето ќе биде поуспешниот од мечот Хрватска - Бразил.