Црна Гора немоќна, Грција пред историски медал на ватерполо турнирот

Ватерполо репрезентацијата на Грција се наоѓа на чекор до историски олимписки медал. Предводена од ватерполистите на Олимпијакос, грчката селекција остана непоразена и на шестиот натпревар и ремито со Италија му е единствен натпревар без триумф на олимпискиот турнир.

Второто олимписко четвртфинале донесе очекувана победа на нашиот јужен сосед против подмладената и неубедлива Црна Гора, водена од новиот селекторот Гојковиќ. Грците славеа со 10-4 (1-0, 2-1, 3-1, 4-2) и покажаа одлична игра во одбрана, примајќи само еден гол во првите две четвртини.

Папанастасиу доминираше во базенот „Цацуми“ и со серија на голови и асистенции ги „потопи“ Црногорците. Генимониас реализираше од игра и од пет метри, а само Александар Ивовиќ беше премалку за подвиг кај Црногорците.

Противник на Грција во полуфиналето ќе биде поуспешниот од четвртото четвртфинале меѓу Хрватска и Унгарија.