• Иван Димовски
Балканската пресметка од третото коло на ватерполо турнирот во Токио меѓу Хрватска и Црна Гора, им припадна на „баракудите“, кои со 13-8 ја запишаа втората победа. Иако во минатото коло загубија од Австралија, Хрватите се вратија со стил и лесно го средија балканскиот ривал.
Двете селекции се меѓу фаворитите за висок пласман на олимпискиот турнир, но Црна Гора денес апсолутно потфрли. Иако по првата четвртина имаше нерешени 1-1, нападот не функционираше, а ги спасуваа голманските одбрани.
Сепак, Хрватска наметна свое темпо, поведе и се одлепи. Црна Гора немаше решение, во неколку наврати доаѓаше на два разлика, напаѓаше за доаѓање на само гол дефицит, но нападот не беше на нивото. Многуте грешки на крајот ги чинеа убедлив пораз од пет гола.
Лорен Фатовиќ постигна три гола, а Гарсија, Букиќ и Вукичевиќ по два гола во победничкиот табор. Кај поразената селекција на Црна Гора, Перковиќ и Матковиќ постигнаа по два погодоци.
Хрватите бргу ја заборавија Австралија, победија и по три кола се втори во групата. Црна Гора има два бода, колку што имаат Србија и Австралија кои играат подоцна, а победникот ќе ја заземе третата позиција. До крајот на групната фаза Црногорците ги чека дуел со аутсајдерот Казахстан, но и Србија кој ќе биде можеби одлучувачки за место понатаму.