• Мартин Танасковски
Балканските селекции имаа одличен ден и забележаа победи на Светското првенство (СП) во ватерполо кое се одржува во Будимпешта, Унгарија.
Селекцијата на Хрватска убедливо ја совлада Јапонија (21-13) и оди во осминафиналето како втора на табелата во групата Б. Лидер е Грција, која ја декласира Германија (16-8) и со три порази на три меча ја испрати дома.
Србија покажа моќ и му даде 22 гола на Казахстан (22-3). Така, тимот со три победи на три натпревари патува како лидер во групата Д во четвртфиналето. САД беше сигурна со Австралија (14-9), но тоа беше доволно само за второ место. Црногорците демонстрираа моќ со Бразил (20-5) и се чекираа на второто место за осминафинале. Од лидерското место во нокаут-рундата патува Унгарија која беше подобра од Грузија (18-14).
Европското дерби меѓу Шпанија и Италија во групата Ц ѝ припадна на „фуријата“ (14-12) и така Шпанците одат во четвртфинале како први, а „аѕурите“ се втори во групата и се осминафиналисти. Трета е селекцијата на Јужна Африка, додека четврта е Канада која се откажа од натпреварувањето поради позитивни ковид-случаи.
Во осминафиналето, Италија ќе игра против Австралија, Јужна Африка ќе се соочи со САД, додека Јапонија ќе игра против Црна Гора, а Хрватите ќе се судрат со Грузија.
Во четвртфиналето, подобриот од мечот Италија - Австралија игра со Унгарија, Јужна Африка или САД ќе се судри со Грција, Јапонија или Црна Гора одат на Шпанија, додека Хрватска или Грузија патува на мегдан со Србија.