• Горан Упале

Најдобриот германски тенисер Александар Зверев по поразот на стартот од Медведев, вечерва ја запиша првата победа на завршниот Мастерс во Лондон, откако по повеќе од два часа и во три сета беше поуспешен од Диего Шварцман од Аргентина (6-3, 4-6, 6-3).
Помладиот тенисер, иако не така убедливо го отвори дуелот во „О2 Арена и прв загуби гем на свој сервис, веднаш се созеде и со ри-брејк и нов брејк си создаде предност која подоцна му донесе водство во сетови од 1-0 (6-3).
Но, поискусниот Аргентинец не се предаде и покажа зошто е меѓу најдобрите тенисери на денешницата и речиси идентично како Зверев во првиот сет, стигна до израмнување од 1-1. Германецот беше тој кој прв направи брејк (2-1), но потоа Шварцман со два одземени гема на противнички сервис се избори за одлучувачки сет (6-4).
Сепак, во клучниот период од дуелот Зверев беше на висината на задачата и наметна темпо на игра кое беше недостижно за противникот, па со два брејка и 6-3 се избори за прва победа во групата А.