Зверев: Знам што е потребно за победа против големата тројка

Седмиот тенисер на АТП ранг листата, Александар Зверев, е уверен дека има рецепт како да игра против најдобрите во тенисот. Пред претстојниот финален Мастерс во Лондон, товарот врз Зверев е голем бидејќи е бранител на титулата. 

„Последнава година дена успеав да дојдам до третото место на светот, ги победив Ѓоковиќ и Федерер неколку пати во големи мечеви. Исто така освоив три Мастерс титули и играв АТП финале. Знам што е потребно да направам за победа над Федерер, Надал и Ѓоковиќ и за освојување на Грен слем титули против нив, најдобрите во овој спорт", самоуверено изјави 22-годишниот Зверев.

Сепак, на младиот Германец, токму Грен слем турнирите му претставуваат проблем, бидејќи само двапати стигнал до четвртфиналето на Ролан Гарос. 

„Морам да напредувам физички и ментално, да бидам спремен да ги победам тројцата најдобри играчи еден по друг на турнир. Тоа е достижно, морам да имам моќен ум и да бидам физички сјаен. Секогаш кажувам дека ако сакаме големи тутили, мора да минеме преку најдобрите'', заврши Зверев.

Финалниот Мастерс турнир во Лондон започнува следниот понеделник, a жрепката за групната фаза на турнирот ќе се одржи утре.