Зверев за конфликтот меѓу ПТПА и АТП: Здравјето на играчите треба да биде на прво место 

Германскиот тенисер Aлександар Зверев го коментираше конфликтот што постои меѓу АТП и ПТПА. Независната асоцијација на тенисери, кооснована од Новак Ѓоковиќ, го тужеше својот ривал АТП во Соединетите Американски Држави за „картелски“ операции и лоши услови за играчите.

АТП брзо одговори дека енергично ќе ја брани својата позиција, а потоа ПТПА ја прошири својата тужба поради заканите и уцените на играчите од страна на АТП.

„АТП е создаден како здружение на играчи со намера да ги заштити играчите што е можно повеќе, но сега тенисот е бизнис, како и секој друг спорт. Во последните 15-20 години турнирите станаа поважни од играчите. Здравјето на играчите треба да биде на прво место. 

Рано е да се каже што сакам од сето ова. Мислам дека играчите и АТП треба да се здружат, а не да се караат еден со друг. Не знам која е нивната главна цел, не знам што сакаат, но навистина верувам во АТП. Има некои работи што Турот може да ги направи подобро, затоа сум во советот на играчи, за да се обидам да го сменам тоа“, рече германскиот тенисер. 

Зверев моментално е во Мајами каде во третото коло се соочува со Џордан Томпсон.