Зверев се расплака: Ужасно е да стоиш до овој трофеј, а да не го допреш...

Александар Зверев го загуби третото Грен Слем финале. По поразите од Тием на УС Опен и од Алкараз на Ролан Гарос, Германецот загуби и од Јаник Синер на Австралијан Опен во меч во три сета.

Зверев немаше ниедна шанса за брејк, а Синер покажа зошто е најдобар тенисер во светот. По крајот на мечот, Германецот не ги криеше емоциите и кажа дека е многу разочаран.

„Страшно е да стоиш покрај овој трофеј и да не можеш да го допреш. Честитки, Јаник, ти си најдобар играч без конкуренција. Се надевав дека ќе бидам поконкурентен. Честитки за тебе и твојот тим. Заврши одлична работа и никој не го заслужува овој трофеј повеќе од тебе. А јас ќе продолжам да се трудам“, изјави Зверев.

Потоа, вториот светски рекет прсна во плач. Емоциите го совладаа, а Синер го тешеше.

Јаник Синер е старо-нов шампион на Австралијан Опен затоа што и лани го постигна овој успех. За него ова беше трета Грен Слем титула во кариерата.